Израелските власти денеска соопштија дека во Појасот Газа се пронајдени телата на двајца заложници кои беа киднапирани во октомври 2023 година.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху информираше дека посмртните останки на Џудит Вајнштајн и Гад Хаја биле пронајдени и вратени во Израел во специјална операција на Армијата за одбрана на Израел и безбедносната служба Шин Бет.
„Заедно со сите граѓани на Израел, мојата сопруга и јас изразуваме длабоко сочувство до нивните семејства. Нашите срца се скршени од најголемата можна загуба. Нека биде благословена нивната меморија“, стои во изјавата на Нетанјаху.
Парот бил нападнат додека шетал рано наутро на 7 октомври 2023 година, во близина на нивниот дом во кибуцот Нир Оз, кога милитанти предводени од Хамас извршија напад на јужниот дел од Израел. Во тој напад беа убиени околу 1.200 луѓе, најголем дел цивили, а 251 лице беше киднапирано.
Според израелските власти, Џудит успеала да ја повика итната помош и да ги извести дека и таа и нејзиниот сопруг биле застрелани, како и да испрати порака до своето семејство.
Загинатите оставиле зад себе четири деца – два сина и две ќерки – и седум внуци.






