Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ја објави конечната и официјална одлука околу неодиграниот реванш натпревар од финалето на Европскиот куп, со што македонскиот клуб РК Алкалоид и формално е прогласен за освојувач на трофејот во сезоната 2024/25.
Реваншот, закажан за 25 мај во Скопје, не се одигра поради одлуката на грчкиот тим АЕК Атина да не се појави на терен. ЕХФ утврди дека клубот од Грција со тоа директно ги прекршил правилниците на федерацијата.
„Ракометниот суд на ЕХФ утврди дека АЕК бил должен да игра на закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен,“ се наведува во соопштението.
ЕХФ официјално го регистрира резултатот од реваншот со службени 10-0 во корист на Алкaloид. Со тоа, заедно со победата од првиот натпревар во Атина (25-29), македонскиот тим оствари двете потребни победи и го освои својот прв европски трофеј.
„РК Алкалоид е затоа победник на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула,“ потврдува федерацијата.
Жалба на одлуката може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена, но тоа нема да има суспензивно дејство. Дополнително, ЕХФ најави дека дисциплинските постапки поврзани со бојкотот на АЕК, евентуалните штети и нерешените прашања околу билетите – сè уште се во тек.






