Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија во првиот квартал од 2025 година пораснал за 3,2 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информираат од Владата.
„Со овој резултат, Македонија се наоѓа меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа, веднаш зад Ирска, Данска и Полска“, се наведува во владиното соопштение.
Според Владата, растот е три пати поголем во споредба со истиот период минатата година, што, како што посочуваат, е резултат на спроведувањето на успешни економски политики.
Најголем пораст е забележан во секторите градежништво, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни активности – со раст од 7,1%, како и во секторот информации и комуникации со 4,8%.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од годинава номинално расте за 7,1%. Нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 69%.
„За разлика од претходните години, кога македонската економија беше на дното, денес гледаме стабилно придвижување напред. Се обврзавме и реализираме – за нова надеж за граѓаните и држава со раст и развој. Македонија мора да оди напред, државата е на патот на промените“, се наведува во соопштението.






