ТРИ НЕДЕЛИ откако американскиот претседател Доналд Трамп практично ѝ објави трговска војна на целата светска економија, пристигнуваат првите економски показатели и предупредувања за нејзините последици.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) подготвува нови економски прогнози што ќе бидат објавени во вторник, а според најавите, тие ќе содржат ревидирање на проекциите за глобалниот раст надолу. Веќе во среда ќе бидат објавени првите податоци за активноста во производствениот и услужниот сектор во САД, Јапонија и Европа, што ќе даде заедничка слика за ефектот од новите американски царини кои стапија на сила на 2 април.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави дека „новите проекции ќе вклучат значително намалување на растот, но нема да сигнализираат рецесија“. Истовремено, некои земји ќе се соочат и со ревидирани прогнози за повисока инфлација. ММФ предупредува дека продолжената неизвесност може да доведе до поголеми тензии на финансиските пазари.
САД ги следат инфлациските очекувања и потрошувачкото расположение, а нови податоци од Универзитетот во Мичиген ќе бидат објавени во петок. Централната банка (ФЕД) во среда го објавува својот извештај „Beige Book“, а ќе се следат и податоците за продажбата на нови и стари домови, како и нарачките на трајни добра – клучен показател за довербата на бизнисите.
Во Канада, трговските тензии се дел од изборната кампања, а аналитичарите ќе ја следат малопродажбата и потрошувачката во март, која трети месец по ред може да покаже опаѓање.
Во Европа, и покрај празничната недела, се очекуваат важни економски податоци – PMI индексите, индикаторот за потрошувачко доверба, истражување на Европската централна банка, платните очекувања и германскиот Ifo индекс на деловна доверба. Велика Британија и Швајцарија исто така објавуваат клучни податоци, а Русија ќе одлучува за евентуално намалување на својата рекордно висока каматна стапка од 21%.
Азискиот регион реагира со сопствени мерки – Кина ги објавува каматните стапки, Индонезија се обидува да ја стабилизира рупијата, а Јапонија и Јужна Кореја започнуваат преговори со Вашингтон за можно ублажување на царинските мерки.
Во Латинска Америка, Аргентина објавува податоци за БДП по добивањето на 20 милијарди долари помош од ММФ. Колумбија, Мексико и Парагвај исто така ќе дадат слика за тоа како нивните економии се справуваат со новите трговски предизвици.
Светската економија влегува во период на висока неизвесност – а првите податоци укажуваат дека ударите од новата трговска политика на САД веќе се чувствуваат.







