Јапонски научници создадоа револуционерен тип пластика што целосно се разградува во морска вода за само еден час – откритие што би можело драстично да го намали загадувањето на океаните и штетното влијание врз морскиот екосистем.
Тим истражувачи од Институтот RIKEN и Универзитетот во Токио развил биоразградлив материјал што се распаѓа значително побрзо од постојните алтернативи и притоа не остава токсични остатоци. Во лабораторијата во градот Вако, научниците демонстрирале дека мало парче од новиот материјал речиси целосно исчезнува во солена вода по околу еден час.
Иако сè уште нема конкретни планови за масовно производство, водечкиот истражувач, професорот Такузо Аида, истакнува дека интересот од индустријата, особено од компании за амбалажа, е веќе значителен.
Оваа иновација доаѓа во момент кога меѓународната заедница сè погласно алармира за растечката криза со пластичниот отпад. Според проценките на Програмата за животна средина на Обединетите нации, количината пластика што годишно завршува во морињата би можела да се зголеми трипати до 2040 година, достигнувајќи 37 милиони тони.
„Децата немаат можност да изберат на која планета ќе живеат. Нашата обврска, како научници, е да им го оставиме најдобриот можен свет,“ изјави професорот Аида.






