Со положување свежо цвеќе и комеморативни настани, денес во Битола беше одбележана 24-годишнината од загинувањето на тројцата бранители – Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус, кои загинаа во вооружениот конфликт во 2001 година.
Почит им беше оддадена пред споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот кај поранешната касарна „Стив Наумов“. Свежо цвеќе положија заменик-градоначалникот на Битола, Бојан Бојкоски, претставници од Советот на Општината, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, семејствата на загинатите и бројни граѓани.
Во организација на Министерството за одбрана – Регионално одделение за одбрана Битола, дел од одбележувањето беа и посетите на гробовите на бранителите во црквите „Света Недела“ во Битола и „Свети Атанас“ во Новаци. Во рамките на комеморативната програма беше одржан и Меморијален турнир во мал фудбал во универзитетската сала „Павел Шатев“, по што беа доделени дипломи и благодарници.
„Нека им е вечна славата на нашите херои“, порачаа организаторите на настанот.
Фото Апла.мк






