Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ќе гласаат за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес, изготвен од европратеникот и известувач Томас Вајц.
Во документот, меѓу другото, се содржат формулации за признавање на македонскиот јазик и идентитет, што предизвика негативни реакции од некои бугарски европратеници. Сепак, Вајц останува цврст во својата позиција, нагласувајќи: „Македонците се Македонци, а македонскиот јазик е македонски“.
Доколку извештајот биде усвоен од Комитетот, следниот чекор е негово финално гласање на пленарната седница на Европскиот парламент во јули.
Усвојувањето на овој извештај би било значаен политички сигнал за поддршката на Европскиот парламент кон Македонија и нејзините аспирации за членство во ЕУ.
Во контекст на дебатата, еврокомесарката за проширување Марта Кос испрати порака до Скопје и Софија, нудејќи се како олеснувач во процесот на надминување на билатералниот спор. Таа изјави дека „во интерес на безбедноста и иднината на континентот е неопходно да се заврши обединувањето на Европа“.






