Претходно непозната руска хакерска група, наречена „Laundry Bear“, стои зад серијата сајбер-напади од 2024 година насочени кон холандската полиција, НАТО и институции од неколку европски држави, соопштија денеска холандските разузнавачки служби.
Во заедничко писмо до парламентот, Холандската генерална разузнавачка служба (AIVD) и Воената разузнавачка и безбедносна служба (MIVD) открија дека групата дејствувала поддржана од руската држава и имала за цел прибирање чувствителни информации, особено поврзани со воената помош за Украина.
„Laundry Bear е активна најмалку од 2024 година и спроведува сајбер-операции против западни влади и клучни институции“, се наведува во соопштението. Истражителите посочуваат дека хакерите биле заинтересирани за информации за испораки на оружје и воена поддршка за Украина, како и за индустриски тајни од високотехнолошки компании во Европа.
Разузнавачките служби потврдија дека активностите на групата биле идентификувани во септември 2024 година. Со објавувањето на информациите, агенциите сакаат да ја подигнат свеста за зголемената сајбер-активност поддржана од Русија, особено кон инфраструктурата на земји членки на НАТО и ЕУ.
Официјалните претставници не навлегоа во детали за степенот на штетата или конкретните цели, но нагласија дека станува збор за сериозна закана по националната и сојузничката безбедност. Истовремено, холандските власти ги повикаа другите западни земји да ја засилат сајбер-заштитата и размената на разузнавачки информации.







