Apple планира да претстави сосема нова апликација за видео игри на својата годишна конференција на 9 јуни, објави Bloomberg. Апликацијата ќе биде стандардно инсталирана на iPhone и другите уреди на компанијата и ќе го замени постоечкиот Game Center.
Новата платформа ќе служи како централен хаб за лансирање игри, следење достигнувања, рангирања, комуникација и други гејминг-активности. Таа е дел од поширока стратегија за подобрување на софтверот што ќе се имплементира во следната верзија на iOS, закажана за есен, заедно со новата генерација на iPhone уреди.
Одлуката на Apple доаѓа само неколку дена пред Nintendo да го лансира својот нов уред – Switch 2, кој ќе биде пуштен во продажба на 5 јуни по цена од 450 долари. Јапонскиот технолошки гигант очекува да продаде до 15 милиони уреди до крајот на фискалната 2026 година, и тоа со проекција од околу 45 милиони продадени видео игри.
Покрај новата апликација за игри, Apple подготвува и значајни промени во корисничкиот интерфејс – проектот со кодно име „Солариум“ има за цел да ја обедини визуелната естетика на сите Apple уреди. Меѓу новитетите што се очекуваат се и алатки за управување со батеријата со помош на вештачка интелигенција и превод во живо на разговори преку слушалките AirPods.
Со ова, Apple влегува поагресивно во гејминг-сегментот, во време кога конкуренцијата од компаниите како Nintendo станува сè поизразена.






