Microsoft објави дека ја лансираше новата функција Bing Video Creator во својата апликација, која овозможува генерирање на видеа од текстуални команди со помош на Sora – напредниот AI модел на OpenAI. Ова е првпат моделот Sora да биде достапен бесплатно за јавноста, откако претходно беше резервиран само за корисници кои плаќаат.
Иако видеата може да бараат повеќе часови за креирање – дури и во таканаречениот „брз“ модус кој треба да трае само неколку минути – сите корисници кои се најавени со Microsoft профил ќе можат бесплатно да генерираат до 10 видеа. Потоа, секое ново видео ќе чини 100 Microsoft Rewards поени, кои се собираат преку пребарувања со Bing или купувања во Microsoft Store.
Во моментов, видеата се ограничени на 5 секунди и вертикален 9:16 формат, што јасно навестува ориентација кон платформи како TikTok и Instagram. На корисниците им е дозволено да постават најмногу три видеа во ред за генерирање. Во најавите е споменато дека хоризонтален формат наскоро ќе биде достапен.
Bing Video Creator за сега не е достапен на десктоп, но Microsoft најавува проширување во наредниот период.






