Денеска на армискиот полигон Криволак се одржа најголемата мултинационална воена вежба годинава – „Immediate Response 25“, како дел од серијата „Defender Europe“, со учество на над 2000 војници од земји-членки и партнери на НАТО. На вежбата присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Криволак станува клучна точка за меѓународна одбранбена соработка, каде се зацврстува интероперабилноста помеѓу сојузниците, што е од суштинско значење за безбедноста на Алијансата.
„Како Влада, остануваме посветени на поддршката и унапредувањето на нашата Армија. Силен, подготвен и професионален одбранбен капацитет е гаранција за стабилноста и безбедноста на државата“, изјави Мицкоски.
Министерот Мисајловски додаде дека ваквите вежби се доказ за довербата што меѓународните партнери ѝ ја даваат на нашата земја и на капацитетите на АРМ.
Воената вежба „Immediate Response 25“ има за цел да ја засили подготвеноста и заедничката способност за одговор на безбедносни предизвици во рамки на НАТО и европската безбедносна архитектура.






