Граѓаните нема да се соочат со зголемување на цената на струјата од страна на државната компанија АД ЕСМ, уверува генералниот директор Лазо Узунчев. На денешната средба со новинарите, одржана во Министерството за енергетика, тој изјави дека нема очекувања за промена на цената по која ЕСМ му ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
Според Узунчев, во првиот квартал од годината, производната цена на електричната енергија е намалена на 98,9 евра за мегават час, додека само во РЕК Битола производната цена паднала од 128 евра на 96 евра за мегават час.
– Успеавме да ја намалиме производната цена за 7 отсто, без воопшто да го користиме хидропотенцијалот, кој има далеку пониска цена од 22 до 27 евра за мегават час. Хидроакумулациите беа речиси празни поради претходната преголема искористеност. Сега состојбата е стабилизирана – изјави Узунчев.
Тој информираше дека хидропотенцијалот во моментов изнесува 48 отсто, со цел до 1 октомври да достигне 50 отсто, што е клучно пред грејната сезона. ЕСМ планира да ја заврши годината со позитивно салдо, иако и минимален профит би се сметал за успех, со оглед на тоа што 2024 година почна со загуба од 123 милиони евра.
Во моментов, ЕСМ му продава струја на ЕВН Хоум по 62 евра за мегават час и не добива субвенции од Владата. Претходниот профит од 3 милиони евра во 2023 година, според Узунчев, бил резултат на буџетски дотации.
Покрај ЕСМ, и директорите на МЕПСО, Бурим Љатифи, и на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, изјавија дека нивните компании нема да бараат зголемување на цената во својот дел од системот.
Со ова, најмалку засега, нема индиции дека ќе има нова, повисока цена на електричната енергија за домаќинствата.







