Откако мечките повторно почнаа да се движат блиску до населените места во западна Македонија, а Националниот парк „Шар Планина“ побара донации од пченка и јаболка за нивна прихрана, експертите остро реагираат дека ваквиот пристап е погрешен и штетен.
Диме Меловски од Македонското Еколошко Друштво (МЕД) предупредува дека ваквата пракса може да има долгорочни негативни последици. Тој вели дека веќе реагирал до надлежните во Националниот парк и ги информирал за ризиците.
„Сите заборавиле дека прихраната е лоша од неколку аспекти: мечките се навикнуваат на антропоген извор на храна, а тоа е опасно. Ниту еден национален парк нема капацитет бесконечно да обезбедува храна. Кога тоа ќе престане, мечките ќе продолжат да ја бараат меѓу селата“, предупредува Меловски.
Тој објаснува дека прихраната влијае и врз нивниот репродуктивен успех, што значи повеќе мечки во иднина – и уште поголеми ризици. Дополнително, хранилиштата ги прават лесна мета за криволовците.
Во последните недели, мечките се појавуваа крај села и населени места во потрага по храна, што предизвика страв кај жителите. Слични проблеми имаше и есента 2023 година, кога жителите на дебарски села се жалеа дека мечките им доаѓаат во дворовите, а во Галичник превртуваа контејнери.
„Има негативни примери и надвор. Во Романија, мечките редовно се хранат од автомобили покрај патиштата, што доведе до инциденти. Прихраната на било каков дивеч е лоша идеја – не за џабе се вика дивеч“, додава Меловски.
Според проценките, во Македонија живеат околу 300 до 350 кафеави мечки, претежно во западниот дел. Видот е трајно заштитен, но експертите велат дека заштитата не смее да значи вештачко одржување преку храна, туку зачувување на нивната природна средина.
И искуствата од други земји го потврдуваат истото. Во американската држава Њу Џерси, властите ги советуваат граѓаните да не ги хранат црните мечки и да го чуваат сметот во херметички затворени садови, токму за да не ги привлекуваат во урбаните средини.
Експертите порачуваат: најдобра заштита на мечките е да се остават да живеат во дивината – без човечка интервенција што ќе ја наруши природната рамнотежа.
Извор: Faktor.mk






