Општина Центар и утрово се соочи со хаос во јавното чистење, откако екипите на ЈП „Комунална хигиена“ повторно не излегоа на терен. Градоначалникот Горан Герасимовски, во изјава за Телма, најави дека општината подготвува законски измени со кои ќе побара преземање на надлежностите од Градот Скопје за управување со комуналната хигиена.
„Ова што се случува е апсолутно недозволиво – ни за граѓаните на Центар, ни за сите жители на Скопје. Подготвуваме ригорозни мерки, дури и кривични пријави против ЈП Комунална хигиена, поради негрижата и создавање ризик по јавното здравје. Побаравме – и ние, и други скопски општини – да ги преземеме ингеренциите и сами да го собираме сметот, ако веќе претпријатието не го прави тоа“, изјави Герасимовски.
Тој посочи дека веќе се одржани неколку состаноци со правната служба на општината и се подготвуваат предлог-измени кои ќе бидат доставени до надлежните министерства.
Герасимовски, како жител и родител, вели дека нема да дозволи Центар да биде претворен во депонија.
„Имаме 110 улични хигиеничари кои совесно си ја вршат работата во уличките, но ако контејнерите не се празнат, сме во ќорсокак. Одговорноста за собирање смет од булевари, паркови и јавни површини е на ЈП Комунална хигиена – а тие веќе подолго време ја занемаруваат таа должност. Срамота е во 21 век да зборуваме за ширење зарази поради нечисти контејнери“, нагласи градоначалникот.
Тој додаде дека општините не можат повеќе да чекаат и најави координирано делување со други градски општини за враќање на контролата врз јавната хигиена во свои раце.






