Операцијата „Пајакова мрежа“ на СБУ: Украина со удар што ќе остане запаметен во историјата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри нови детали за тајната операција „Пајакова мрежа“, изведена од страна на Службата за безбедност на Украина (СБУ), при што, според официјалните податоци, биле уништени над 40 руски стратешки авиони – резултат што, како што рече Зеленски, „ќе остане запишан во историските книги“.
Во објава на Телеграм, Зеленски наведе дека бил информиран од директорот на СБУ, генерал-потполковник Васил Малјук, за текот и резултатите од акцијата, која се подготвувала повеќе од 18 месеци. Операцијата била изведена целосно самостојно од украинската страна.
„Тоа беше историски успех за кој изразувам голема благодарност до СБУ“, изјави претседателот, додавајќи дека веќе дал наредба да се објават сите информации кои можат безбедно да се споделат со јавноста.
Оперативен штаб веднаш до седиштето на ФСБ
Зеленски откри дека операцијата, во која биле користени 117 дронови и исто толку оператори, била координирана од оперативна канцеларија сместена веднаш до зградата на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во еден од регионите на Русија.
„Нашите луѓе дејствуваа во неколку руски региони, во три временски зони. Сите се повлекоа од територијата пред акцијата и сега се безбедни – и тие, и оние кои им помагаа“, рече украинскиот претседател.
Според СБУ, нападот погодил околу 34% од руските стратешки носачи на крстосувачки ракети на главните воени аеродроми, со вкупна проценета штета од околу 7 милијарди американски долари.
Целта – руските стратешки бомбардери
Украински медиуми објавија дека меѓу уништените воздушни сили биле и бомбардери А-50, кои играат клучна улога во откривање системи за ПВО, наведување ракети и координација на руската авијација. Се проценува дека Русија има помалку од десет вакви авиони, а нивната цена изнесува околу 350 милиони долари за само еден примерок.
Меѓу погодените летала биле и тешките бомбардери Тупољев Ту-95, Ту-22 и Ту-160 – главните платформи од кои Русија испалува ракети врз украински цели. Особено Ту-95, иако датира од советската ера и првпат полетал во 1952 година, сè уште игра важна улога поради својата способност да носи до 16 крстосувачки ракети, вклучувајќи ги Х-55, Х-555, како и поновите Х-101 и Х-102.
Ту-22, пак, е познат по употребата на надзвучните ракети Х-22, кои достигнуваат брзина до 4.000 км/ч и се особено тешко пресретливи без американскиот „Патриот“ или европскиот систем SAMP/T.
Ту-160, најмодерниот и најголем оперативен стратешки бомбардер во светот, може да носи до 24 ракети и претставува клучна компонента на руската воздушна офанзива.
Зеленски: Ќе продолжиме со вакви акции
„Операцијата е резултат на проекти кои ги одобрив пред повеќе од година и пол. Овие резултати покажуваат дека Русија ја губи својата стратешка предност“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина ќе продолжи со ваквите дејствија.
Тој предупреди и дека Русија подготвувала нов масовен напад, според украинските разузнавачки податоци, и ги повика граѓаните да не ги игнорираат воздушните аларми.
Во официјална изјава, руското Министерство за одбрана потврди дека неколку воени аеродроми биле цел на напад со дронови, обвинувајќи го „киевскиот режим“ за нападите.






