Палестинската милитантна организација Хамас соопшти дека е подготвена да започне нова рунда индиректни преговори со Израел со цел постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заробениците.
Во изјава пренесена од „Тајмс оф Израел“, Хамас наведува дека е „подготвен веднаш да започне рунда индиректни преговори за надминување на спорните прашања“, со цел да се дојде до договор кој ќе овозможи доставување хуманитарна помош за цивилното население во Појасот Газа и стави крај на тековната хуманитарна катастрофа.
Како крајна цел, организацијата посочува постигнување траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските сили од територијата.
Во соопштението не се наведува дали Хамас го повлекол новиот предлог што вчера му беше предаден на специјалниот американски претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој истиот го оцени како „целосно неприфатлив“.
Израел го прифати планот предложен од Виткоф, додека Хамас претходно истакна дека тој не ги исполнува нивните основни барања, меѓу кои се и целосен прекин на воените дејства.







