Возачите на камиони од шест земји од Западен Балкан се заканија дека ќе ги блокираат главните сообраќајни правци и граничните премини со Европската Унија доколку до 16 јуни не се најде правично решение за нивниот статус и престој во ЕУ. Одлуката е донесена на состанок во Бијелина, каде што учествуваа здруженија на транспортери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Причината за ваквиот чекор е актуелното правило според кое возачите можат да престојуваат во ЕУ само три месеци во период од 180 дена, како да се туристи, а не професионалци во меѓународен транспорт. Ова правило довело до апсења, забрани за влез и сериозни пречки во работата на камионџиите.
„Бараме нашето работно време да се мери преку тахографите во возилата, кои прецизно ја бележат нашата активност, а не според влезно-излезни печати на границите“, апелираат возачите. Тие потсетуваат дека земјите од Западен Балкан се полноправни потписнички на AETR-договорот, кој има примат над Шенгенските правила и договорите за стабилизација и асоцијација.
Конзорциумот „Логистика БиХ“, кој го организираше состанокот, најави дека доколку не добијат писмена потврда за прифаќање на правилното толкување на AETR до 16 јуни, ќе започнат синхронизирани блокади во сите шест земји.
„Времето истекува – бараме почитување на меѓународното право и гаранција за слободата на работа на нашите возачи“, се вели во заедничкото соопштение.






