Железничката станица во Нови Сад, каде што на 1 ноември 2024 година се урна настрешница и загинаа 16 лица, ќе биде подложена на целосен структурен преглед. По неговото завршување ќе се донесе одлука дали објектот ќе биде урнат, реконструиран или делумно задржан – но само таму каде што безбедноста е загарантирана. Ова го изјави српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Александра Софронијевиќ, пренесе агенцијата Танјуг.
Според неа, Вишиот суд во Нови Сад поднел барање за проширување на обвинението за несреќата, а дополнетата истражна постапка сè уште е во тек. Во меѓувреме, важи забрана за пристап до објектот, што ја оневозможува физичката изведба на стручниот преглед.
„Сè додека не се создадат услови за влез, зградата останува во статус кво. Не може да се провери статичката стабилност ниту да се донесе конечна одлука за нејзината судбина“, изјави Софронијевиќ.
Министерката додаде дека се разгледуваат алтернативни решенија за воспоставување железнички сообраќај. Дел од објектот, конкретно платформата и подземниот премин под коридорот, е оценет како безбеден и евентуално би можел да се користи како привремена станица – особено по координација со унгарските власти за пуштање во употреба на брзата железничка линија.
„Ова е само еден од предлозите. Сите можности ќе бидат разгледани, но ќе се избере она решение што е најбезбедно и најквалитетно“, истакна Софронијевиќ.
Брзата железница наскоро готова – се чека на дозволи
На новинарско прашање кога ќе биде пуштена брзата железница меѓу Нови Сад и Суботица, министерката рече дека инфраструктурата на пругата – и долна и горна конструкција – е целосно завршена. Сепак, конечниот датум на отворање ќе зависи од техничките инспекции на станиците и координацијата со Унгарија.
„Железницата ќе се отвори само кога ќе имаме потврда дека сите безбедносни и технички стандарди се исполнети. Без дозвола за употреба, нема да се пушти во сообраќај“, категорична беше Софронијевиќ.
Таа очекува железничкиот сообраќај да започне за еден до еден и пол месец, со тоа што станиците во Суботица и Врбас најверојатно ќе бидат подготвени за пуштање до тој рок.
Министерката информираше и дека се работи на воспоставување царинска и пасошка контрола за патниците на релацијата Белград–Будимпешта, со цел процедурите да се одвиваат за време на патувањето, без дополнително задржување на граница. Планираното време на патување меѓу двата главни града изнесува околу три часа и 15 минути.






