Преспанското Езеро, второто по големина природно езеро во Македонија и едно од најстарите езера во Европа, се соочува со егзистенцијална криза. Научниците предупредуваат: ако веднаш не се преземат итни и сериозни мерки, езерото може целосно да исчезне до крајот на 21 век – што значи за помалку од 40 години!
Најновите мерења покажуваат алармантна состојба – нивото на езерото е намалено за 55 сантиметри во споредба со минатата година. Тоа претставува загуба од 120 милиони кубни метри вода – двојно повеќе од годишниот просек. Според експертите, ова е најлошата ситуација од црните 80-ти години наваму.
„Ако летово биде топло — а ќе биде — сценариото е катастрофално“, вели д-р Надежда Апостолова од Универзитетот во Валенсија. Таа и други научници укажуваат дека езерото оваа зима не добило ни минимално полнење од вообичаените 40 сантиметри.
Виновниците за драматичната состојба се јасни: климатските промени, испумпување на вода преку подземни канали кон Охридско Езеро, како и неконтролирано користење на водата за наводнување во Македонија, Албанија и Грција.
Решенија постојат, но бараат волја и пари. Апостолова предлага доведување вода од Вардарскиот слив како долгорочна мерка. „Скапо е, но возможно. Не смееме да дозволиме Преспанско да умре“, порачува таа. Алтернативно, се разгледува и затворање на подводните понори во Албанија, но и ова нема да има ефект ако продолжи глобалното затоплување и недостигот на врнежи.
Статистиката е застрашувачка: од 1963 година досега, езерото има загубено 60% од својот волумен. Освен што водата се намалува, нејзиниот квалитет исто така се влошува.
Ако државите не се обединат и не реагираат веднаш – ова уникатно езеро би можело да стане уште една жртва на климатската катастрофа. Утре ќе биде доцна.






