Обединетото Кралство вложува 6 милијарди фунти во нови фабрики за оружје и купување ракети и дронови
Владата на Обединетото Кралство најави амбициозен пакет военo-индустриски инвестиции вреден 6 милијарди фунти, кој предвидува изградба на најмалку шест фабрики за производство на оружје и набавка до 7.000 ракети со долг дострел, проектили и дронови, во време кога растат глобалните безбедносни закани.
Најавата доаѓа како дел од долгоочекуваниот стратегиски одбранбен преглед, чија целосна содржина ќе биде објавена во понеделник. Меѓутоа, моменталната објава не содржи клучни детали – не е познато кога ќе започне изградбата на првата фабрика, кога ќе се произведе првиот проектил, ниту какви типови вооружување се планирани.
Засега, владата не именувала ниту лице што ќе ја преземе функцијата Национален директор за вооружување. Привремено, таа функција ја извршува Енди Старт, актуелен директор на Агенцијата за одбранбена опрема и поддршка, сè додека не се заврши изборот на надворешен кандидат.
Фокус на домашно производство на муниција и одржлива борбена способност
Министерството за одбрана претходно откри дел од содржината на идниот документ, нагласувајќи дека прегледот ќе препорача воспоставување постојан капацитет за производство на муниција – од клучно значење за одржување на воени операции подолг период.
Според владините податоци, 1,5 милијарда фунти ќе бидат издвоени само за изградба на новите фабрики, додека вкупната потрошувачка за муниција во овој парламентарен мандат ќе достигне 6 милијарди фунти.
„Тешко стекнатите лекции од незаконската инвазија на Путин во Украина покажаа дека една армија е силна колку што е силна индустријата што стои зад неа“, изјави министерот за одбрана, Џон Хили. „Ја јакнеме британската одбранбена индустриска основа за поефективно одвраќање на противниците и за обезбедување стабилност дома и сила во странство“, додаде тој.
Шест нови фабрики и набавка на ракети, проектили и дронови
Планот предвидува изградба на најмалку шест нови фабрики за производство на муниција и енергетски материјали – вклучително и експлозиви, погонски средства и пиротехника. Сè уште не е објавено дали тие капацитети ќе бидат државни или ќе се градат во партнерство со одбранбени компании. Не е познат ниту временскиот распоред, ниту локациите.
Покрај тоа, владата најави дека ќе набави до 7.000 домашно произведени ракети со долг дострел за британските вооружени сили, но не беа наведени конкретни типови оружје. Според достапните информации, набавката ќе опфати комбинација од ракети, проектили и беспилотни летала.
Стармер: Британската армија ќе стане интегриран борбен систем
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека новите инвестиции ќе ја трансформираат британската армија во „импресивна, интегрирана борбена машина“. Тој го нарече стратешкиот преглед „радикален план“ кој ќе ги поттикне инвестициите во бродоградба, технологија на дронови и сајбер-одбрана.
„Подготовката за заканите на иднината значи обединување на сите наши капацитети – од дронови и артилерија до човечка интуиција и разузнавање – во една моќна борбена целина“, напиша Стармер во текст за весникот The Sun.
Тој истакна дека неговата влада ќе стави крај на, како што рече, „срамното исцрпување“ на вооружените сили. „Ќе инвестираме во сила што ќе биде поинтегрирана, подготвена и смртоносна од кога било – враќајќи ја Британија таму каде што ѝ е местото: како лидер во одбраната и клучен партнер во НАТО“, додаде премиерот.






