Големото славје на навивачите на Пари Сен Жермен по историската победа во финалето на Лигата на шампионите заврши трагично. Во ноќта на прославата, двајца мажи го загубија животот, а полицијата уапси повеќе лица осомничени за вмешаност во инцидентот.
Според првичните, неофицијални информации, до трагичниот настан дошло по ескалација на физички конфликт што излегол од контрола и завршил со смртен исход. Француските безбедносни служби брзо интервенираа, а истрагата за расветлување на околностите е во тек. Приведените лица се наоѓаат на сослушување.
Масовни апсења низ Франција, главниот фокус – Париз
За време на прославите низ цела Франција, полицијата уапси вкупно 559 лица, од кои дури 491 во главниот град. Повеќе од 300 уапсени се задржани во притвор, а најголем број приведени – 254 – се регистрирани токму во Париз.
Немирите не минаа без последици за безбедносните сили: повредени се вкупно 22 припадници, меѓу кои 18 полицајци и 7 пожарникари. Најмногу повреди се забележани при интервенции во централното градско подрачје.
Истоpиска победа, но со горчлив епилог
Пари Сен Жермен до својата прва титула европски шампион стигна убедливо, совладувајќи го милански Интер со 5:0 на стадионот во Минхен – финале што ќе остане запаметено како едно од најдоминирачките во историјата на Лигата на шампионите.
Славјето во француската престолнина достигна кулминација со огномети, факели и масовни собирања. На улиците на Париз беа распоредени околу 5.400 припадници на безбедносните сили. За време на интервенции на Елисејските полиња, полицијата употреби солзавец и пепер-спреј за смирување на напнатоста.






