Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари значајна средба со Џејмисон Грир, трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Разговорите беа фокусирани на унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и САД, со акцент на зголемување на билатералната трговска размена и отворање нови можности за инвестиции.
„Постигнавме конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите, како и во дефинирањето на следните чекори кон потпишување Договор за слободна трговија,“ изјави министерот Муцунски преку социјалните мрежи.
Во рамките на средбата, Муцунски ги презентираше и економските приоритети на македонската влада, кои вклучуваат подобрување на деловната клима, привлекување на странски директни инвестиции и создавање стабилна и предвидлива регулаторна рамка. Тој ги охрабри американските компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во Северна Македонија, нагласувајќи ја подготвеноста на земјата да обезбеди сигурна и поддржувачка бизнис средина.







