Сè повеќе деца во Македонија користат дроги, а системот нема капацитет да ги третира
Употребата на дроги меѓу децата и младите во Северна Македонија е во постојан пораст, при што алармантен е податокот дека некои од нив започнуваат со злоупотреба уште на четиригодишна возраст. Според Анализата за состојбата и третманот на деца кои користат психоактивни супстанции, изработена од Народниот правобранител, системот за превенција, рано откривање и третман на малолетни зависници е сериозно недоразвиен, а децата најчесто се оставени сами на себе, без соодветна институционална грижа.
Во недостаток на специјализирани центри, програми и протоколи, децата зависници се принудени да чекаат полнолетство за да добијат пристап до каков било организиран облик на лекување. Според заменичката на народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа, најчесто употребуваните супстанции меѓу децата се халуциногени и стимулативни дроги, како и марихуана.
Податоците од Националната стратегија за дроги (2021–2025) укажуваат на загрижувачки тренд – возраста на првата употреба на дроги се намалува, додека од друга страна, системот не нуди пристапи што ги земаат предвид специфичните потреби на децата корисници. Во здравствените установи нема посебни програми за малолетни лица со зависност, а проблемот останува сериозен предизвик за државата.
Истражувањата откриваат пораст на употребата на марихуана
Податоците од Европските студии за употреба на дроги и алкохол во училиштата (ESPAD), спроведени во 1999, 2008, 2015 и 2019 година, покажуваат дека марихуаната е најчесто употребуваната дрога кај учениците на возраст од 15 до 16 години. Последната студија од 2019 година регистрира пораст од 4,5% во 1999 година на 6,1% во 2019 година. Иако стапката останува пониска од европскиот просек, трендот е загрижувачки.
Истовремено, истражувањето на Институтот за јавно здравје од 2017 година открива дека 19% од младите на возраст од 15 до 24 години некогаш во животот пробале дрога, а 15,4% тоа го сториле во текот на 2017 година. Особено загрижува податокот дека 6,1% од лицата кои инјектираат дроги го започнале тоа пред 15-годишна возраст.
Системот не нуди трајно решение – лекување сведено на итни интервенции
Граѓанската организација ХОПС во својот извештај од 2017 година наведува дека најмладото дете кое користело лепак имало само четири години, а првото дете кое инјектирало хероин било осумгодишно. Иако тимовите на ХОПС воспоставуваат контакт со овие деца и нивните семејства, тие немаат каде да ги упатат за соодветно лекување и рехабилитација.
Во отсуство на целосна програма за третман, институциите реагираат само во случај на итна медицинска потреба. Децата на возраст од 14 до 18 години се примаат на Клиниката за токсикологија, додека оние под 14 години се упатуваат на Детската клиника. Но, по интервенцијата, системот нема капацитет за континуирана терапија и рехабилитација.
Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависност за 2024 година потврдува дека се намалува возраста на првата употреба на психоактивни супстанции. Народниот правобранител апелира на итна и координирана акција од здравствените институции, креаторите на политики и сите засегнати страни, со цел да се изработи национална програма која ќе понуди навремено, стручно и сеопфатно лекување за најмладите корисници.






