Иако појадокот често се смета за најважниот оброк во денот, многумина го прескокнуваат. Сепак, за оние кои го започнуваат денот со оброк, експертите предупредуваат дека изборот на храна што ја внесуваме на празен желудник е од клучно значење за здравјето.
Д-р Лоана Андраде Пелажо советува да се избегнуваат намирници богати со јаглехидрати наутро, бидејќи тоа може негативно да влијае на нивото на шеќер во крвта и на работата на хормонот инсулин. Таа објаснува дека правилниот редослед на внесување на храната во организмот игра важна улога во спречување на метаболички нарушувања, како што се дијабетес тип 2 и инсулинска резистенција.
„Она што навистина сакаме да го постигнеме е регулирање на лачењето на инсулин. Ако прво се внесе зеленчук и протеини, а потоа јаглехидрати, нивото на шеќер во крвта нема нагло да порасне, а инсулинот ќе остане под контрола“, вели д-р Пелажо.
Истражувањата ја потврдуваат оваа теорија – едно од нив покажува дека токму појадокот предизвикува најголемо зголемување на шеќерот во крвта кај лица со дијабетес тип 2. Појадок со ниско ниво на јаглехидрати, а висок со содржина на здрави масти и растителни влакна, може значително да го намали гликемискиот одговор и да ја стабилизира гликозата во текот на целиот ден.
Дополнително, студија објавена во угледното научно списание Nature открива дека внесот на јаглехидрати на празен желудник предизвикува нагло зголемување на млечната киселина во крвта. Во истражувањето, 15 учесници наутро, по 12 часа постење, консумирале 75 грама гликоза во вода, по што нивото на млечна киселина започнало да расте само пет минути по консумацијата, додека нивото на гликоза се зголемувало дури по половина час.
Наодите укажуваат дека при внес на јаглехидрати на празен желудник, телото започнува процес на претворање на гликозата во млечна киселина во цревата, која потоа директно влегува во крвотокот. Овој процес може да доведе до состојба позната како лактацидоза – метаболичка нарушеност што настанува поради прекумерна акумулација на млечна киселина и намалување на pH вредноста на крвта.
Лекарите предупредуваат дека лактацидозата може да предизвика сериозни компликации, вклучително и нарушена функција на срцевиот мускул, намален проток на крв и откажување на органите, што во екстремни случаи може да биде и фатално. Исто така, постои зголемен ризик од појава на срцеви аритмии.
Начинот на кој го започнуваме денот има далекусежно влијание врз здравјето. Затоа, нутриционистите советуваат појадокот да биде избалансиран – да содржи зеленчук, здрави масти и протеини, а јаглехидратите да се внесуваат подоцна во оброкот. Малите промени во секојдневните навики можат да имаат големо влијание врз метаболичкото здравје и превенцијата на хронични заболувања.






