Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во интервју за „Бритиш Тајмс“ остро го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го за централизирање на власта и разградување на демократските институции под маската на воена состојба. Според Кличко, Украина „веќе не мириса, туку смрди на авторитаризам“.
Критиките доаѓаат во време кога Киев е зафатен од голема антикорупциска истрага на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ), под називот „Чист град“, во која досега се уапсени седум блиски соработници на Кличко. Тој пак тврди дека овие рации и притисоци се дел од поширока стратегија на власта за „чистка на демократските принципи“.
„Ситуацијата во Киев е алармантна. Советниците не можат да одржат кворум, работата на Градскиот совет е блокирана, а многу градоначалници низ државата се заплашени“, изјави Кличко. „Јас сум заштитен само поради мојот статус на јавна личност. Но, ова е напад врз целата локална демократија.“
Во написот на „Тајмс“ се наведува дека Зеленски користи воената состојба воведена по руската инвазија за да постави воени администрации со овластувања што директно се преклопуваат со оние на локалните власти, вклучително и во Киев. Кличко го нарекува тоа „директен удар врз волјата на избирачите“.
Антикорупциската истрага засега резултираше со притвор и високи кауции за високи функционери на градската власт, вклучувајќи го заменик-шефот Петро Оленич и претседателот на Комисијата за земјиште Михајло Терентјев. Поранешниот советник Денис Комарницки е исто така предмет на истрага, а тројца полицајци се отпуштени за незаконско напуштање на земјата.
Аналитичарите предупредуваат дека политичкиот судир меѓу Зеленски и Кличко, во комбинација со растечката моќ на извршната власт, може да ги загрози демократските процеси во Украина, особено во услови на војна и политичка нестабилност.







