Турските власти издадоа налози за апсење на 47 лица, меѓу кои и неколку високи опозициски функционери од Републиканската народна партија (ЦХП), јавуваат државните медиуми. Досега се приведени најмалку 28 лица, а рации се спроведени во општински згради ширум Истанбул и други делови од земјата.
Меѓу уапсените се и поранешниот пратеник на ЦХП, Ајкут Ердогду, како и градоначалници и раководители на општини во Истанбул и во јужната покраина Адана. Акцијата, според властите, е дел од четири одделни истраги за корупција, а истрагите, како што тврдат од турската Влада, се спроведуваат согласно законот и под надзор на независното судство.
Сепак, главната опозициска партија ЦХП и меѓународни набљудувачи оценуваат дека станува збор за политички мотивирана кампања со цел да се ослаби опозицијата пред следните избори. Од ЦХП веќе беше свикан итен состанок во Истанбул, поради сериозноста на ситуацијата.
Овој развој на настаните доаѓа во контекст на веќе влошените односи помеѓу власта и опозицијата, особено по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Тој беше уапсен во март годинава под обвиненија за корупција и наводна соработка со терористичка организација – обвинувања што тој категорично ги отфрла. Имамоглу, кој важи за главен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган и потенцијален претседателски кандидат, ужива сè поголема поддршка кај јавноста, особено по неговото апсење.
Апсењата и рациите веќе предизвикаа масовни протести низ Турција, како и остри реакции од странските влади и организации за човекови права, кои бараат итно запирање на, како што велат, политичкиот прогон врз опозицијата.







