Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, остро реагираше на изјавите и однесувањето на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кого го обвинува за говор на омраза кон Албанците и за директна соработка со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и Блерим Беџети.
Во својата јавна реакција, Ганиу истакнува дека тројката Апасиев–Арсовска–Беџети го држи Скопје во заложништво и ја казнува Општина Чаир, каде што живее албанско мнозинство кое, според него, не прифаќа политичко потчинување, туку бара достоинство и еднаквост.
„Четири години без инвестиции. Ниту паркови, ниту улици, ниту почит. Само ароганција и институционална дискриминација. Во меѓувреме, Град Скопје има собрано над 18 милиони евра од даноците на граѓаните на Чаир и не вратил ништо за возврат“, нагласува Ганиу во својата изјава.
Тој додава дека ДУИ и Левица станале соучесници во молкот за неправдите и во казнувањето на Албанците во Чаир.
„Јас ќе продолжам да зборувам. Да барам правда. Да се борам за моите сограѓани. А ти, Апасиев, остани во друштво со Блерим Беџети и Данела Арсовска, совршено трио за заборав,“ завршува Ганиу.






