Мал авион се урна врз куќа во саботата наутро во местото Коршенбројх, Германија, при што загинаа две лица, меѓу кои и пилотот, јавува германскиот Bild.
Според првичните информации, леталото паднало во предниот двор на куќата, при што ја закачило фасадата и предизвикало пожар. Пилотот, наводно, за време на летот пријавил проблеми со моторот.
Сведоци изјавиле дека се слушнал многу гласен удар, по што се појавил облак од чад. „Тргнавме веднаш да помогнеме. Мажот кој живее во куќата очигледно го видел авионот и успеал да скокне настрана. Но жената е мртва“, изјавил еден од сведоците.
Сè уште не е потврдено дали втората жртва е навистина жител на куќата. На местото на несреќата интервенирале итните служби, а истрагата е во тек. Точната причина за несреќата сè уште не е утврдена.







