Денеска во Скопје се одржува состанок на лидерите на Европската унија и земјите од Западен Балкан, посветен на унапредување на спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за регионот.
На настанот присуствува европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој е домаќин на средбата. Во Скопје пристигнуваат и високи претставници од Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Европската комисија, во пресрет на состанокот, истакна дека Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан носи конкретни придобивки за шесте држави од регионот кои се подготвуваат за идно членство во Унијата. На денешната средба ќе се дискутира за досегашниот напредок и ќе се трасираат следните чекори за негова ефикасна реализација.






