Илон Маск, еден од најмоќните бизнисмени и поранешен неформален советник на претседателот Доналд Трамп, наводно интензивно консумирал дроги за време на својот ангажман во Белата куќа, пишува британскиот весник The Guardian.
Според објавените информации, Маск редовно користел кетамин во високи дози, што довело до сериозни здравствени проблеми и потреба да консумира над 20 таблети дневно. Покрај кетаминот, тој наводно користел и екстази, како и халуциногени печурки. Се наведува дека неговата зависност се влошила по донацијата од 275 милиони долари за претседателската кампања на Трамп, по што добил значајна улога во т.н. „Министерство за ефикасност на владата“.
Неколку месеци пред неговото повлекување од државната служба, Маск почнал да покажува непредвидливо однесување — вклучувајќи навреди кон членови на кабинетот и гестови кои потсетувале на фашистички поздрави на политички митинзи. Официјално, тој објави дека се повлекува од јавната функција оваа среда.
Правни и етички дилеми
Иако екстази е класифициран како забранета супстанција од Прва категорија според американската Агенција за борба против дрогата (DEA), Маск формално бил ангажиран како „специјален државен службеник“ — статус кој не ги вклучува најстрогите правила што важат за редовно вработените во федералната администрација.
Кетаминот, пак, е дозволен само со рецепт и спаѓа во Трета категорија на контролирани супстанции, но неговата рекреативна употреба и мешање со други психоактивни материи претставува прекршување на федералните политики за работа. Според извори на The Times, Маск редовно го користел кетаминот — спротивно на неговите јавни тврдења дека зема „мала доза на секои две недели“.
Во март 2024 година, во интервју со новинарот Дон Лемон, Маск изјави: „Ако земеш премногу кетамин, не можеш навистина да работиш, а јас имам многу работа“. Сепак, веќе на пролет минатата година, му се пожалил на блиски соработници дека кетаминот му влијае на бешиката — симптом познат кај хронични корисници на оваа супстанција.
Покрај ова, во неговата приватна аптека наводно имало таблети со ознаки на Адерал — медикамент кој содржи амфетамин и декстроамфетамин, комбинација која се користи за лекување на нарушувања како АДХД, но која исто така има висок потенцијал за злоупотреба.
Тишина од Белата куќа
Сè уште нема официјална потврда дали Маск бил под дејство на психоактивни супстанции додека бил присутен на доверливи состаноци со странски лидери во Белата куќа, ниту дали бил подложен на рутински тестирања за дроги и покрај пристапот до строго доверливи информации.
Белата куќа не одговори на барањата за коментар по ова прашање.
Иронично, компанијата на Маск, SpaceX, има строга забрана за користење дроги поради владините договори и обврските со НАСА и Пентагон. Но, според извори блиски до менаџментот, Маск бил однапред предупредуван за секое „случајно“ тестирање — што, практично, ја поништувало нивната цел.






