Замка за Зеленски – Путин подготвува стратегија?
Украина ѝ предложила на Русија нацрт-меморандум кој предвидува целосен прекин на огнот – на копно, на море и во воздух – со вклучување на меѓународни набљудувачи за надзор на спроведувањето, објави The New York Times, повикувајќи се на висок украински претставник кој побарал анонимност.
Според министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров, документот веќе ѝ бил предаден на руската страна пред најавената втора рунда мировни преговори што се очекува да се одржат на 2 јуни во Истанбул, пренесе Kyiv Independent.
Украина и нејзините сојузници подолго време повикуваат на сѐопфатно и безусловно примирје кое би траело најмалку 30 дена и би ги опфатило сите фронтови. Сепак, Москва досега систематски ги одбивала овие предлози.
Според американскиот весник, неколку украински функционери се загрижени дека Русија би можела да постави „дипломатска замка“ со тоа што ќе предложи услови кои однапред се неприфатливи за Киев – како на пример повлекување на украинските сили од териториите под руска окупација. Тие стравуваат дека Москва ќе се обиде да го претстави евентуалното украинско одбивање како саботажа на мировниот процес.
Преговори без резултат
Последната рунда преговори одржана на 16 мај во Истанбул заврши без конкретен договор. Украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Сергиј Кисљак, изјави дека руската делегација повеќепати истакнала дека „безусловен прекин на огнот е целосно неприфатлив“.
И покрај засилените руски напади врз украинската територија, Москва го предложи 2 јуни како датум за следната рунда разговори. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на 29 мај изјави дека делегацијата предводена од советникот на претседателот Владимир Медински е подготвена да го претстави рускиот меморандум за примирје и да даде дополнителни објаснувања во Истанбул.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, потврди дека Украина е подготвена за нови преговори, но инсистира документот да биде доставен однапред.
Што бара Русија?
Во меѓувреме, агенцијата Reuters јавува дека рускиот претседател Владимир Путин поставува низа услови за прекин на војната, меѓу кои писмени гаранции дека НАТО нема да прифаќа нови членки од Источна Европа, укинување на дел од западните санкции и прогласување на неутрален статус на Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да ги коментира условите, наведувајќи дека тие ќе бидат предмет на доверливи разговори.
Георгиј Тихи, портпарол на украинското Министерство за надворешни работи, истакна дека руското одбивање официјално да го предаде нацрт-меморандумот укажува на тоа дека документот веројатно содржи нереални услови и претставува обид за одолговлекување на мировниот процес.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, подвлече дека Киев останува подготвен за нова рунда преговори, но и дека сè уште го очекува ветениот документ од Москва.






