Откако беше најавен петтиот економски пакет мерки на Владата, граѓаните се прашуваат кој ќе биде опфатен со нив, затоа што здравствената криза веќе удри по џебот кај сите граѓани. Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието одговарајќи на пратенички прашања сподели дел од мерките предвидени со овој пакет мерки за поддршка на граѓаните, работниците, стопанството и економијата.
Една од мерките, како што рече, е да се избришат сите камати по долгови кои граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции за долгови постари од три месеци под услов да си го регулираат на 12 рати долгот кој го имаат.
– Тоа значи за вода, за парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопанските претпријатија, се. Најмногу се погодени граѓаните кои дефинитивно не можеле да постигнат да ги плаќаат редовно сметките. Целта ни е не веднаш да го вратат долгот, туку на 12 рати да склучат договори, веројатно ќе го доразработиме со ратите и се, но и да ги избришеме комплетно каматите и со тоа да го олесниме, рече Заев, додавајќи дека намерата е да ги избришат сите камати за долговите кои се за физичките лица и оти со законско решение тоа е возможно.
Во втората фаза, додаде, сакаме да ги помогнеме таргетирано најсиромашните, односно тука ќе биде димензиониран вториот сегмент од петтиот пакет. Третиот пакет ќе биде поддршка на економијата.
– Ќе предложиме еден пакет преку Банката за поддршка на развојот со грантова шема да дадеме безкаматни кредитити за сите погодени од кризата, посебно најтаргетираните, каде што ќе поттикнеме да покажат позивитен успех на крајот на 2021 година. Ако дадеме 10.000 евра грант ќе продуцираме да покажат позитивен успех во 2021 за да мотивираме развој, рече Заев.






