Скопјани од шест скопски населби утре ќе останат без вода цели 15 часа, откако ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе започне со голема интервенција на магистралниот цевковод. Акцијата стартува ноќеска на полноќ, а ќе трае до попладневните часови во сабота.
Причината за прекинот е изведба на нов главен водоводен приклучок и поставување игличест регулационен вентил – за што од претпријатието уверуваат дека ќе го подобри водниот притисок и ќе ги намали загубите на вода низ мрежата.
Прекинот ќе ги погоди жителите на следните скопски населби: Визбегово, Чаир, Топанско Поле, Автокоманда (висока зона), Железара и Бутел 1.
„Работите ќе траат помалку од 15 часа, но најмногу време ќе се одвои за празнење и полнење на магистралниот цевковод. Сите наши сектори и механизација ќе бидат на терен од раните утрински часови,“ велат од ЈП Водовод.
Целта е со новиот приклучок да се поврзат двата главни цевководи во градот и да се формира „циркуларен прстен“ кој значително ќе го подобри системот за водоснабдување.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да се подготват навреме и да обезбедат доволни количини вода за време на прекинот.







