Народното собрание на Бугарија со апсолутно мнозинство од 194 гласови „за“ усвои резолуција со која повторно го условува напредокот на Македонија кон Европската Унија. Во пленарната сала немало ниту еден глас „против“ или „воздржан“, што говори за целосната согласност на бугарските пратеници околу овој чекор.
Во резолуцијата, која беше дополнета со три амандмани пред самото гласање, се потенцира дека Бугарија останува посветена на европскиот консензус од јули 2022 година. Скопје, според документот, мора строго да ги спроведува сите преземени обврски, особено оние од Договорот за добрососедство.
Софија очекува Македонија да подготви посебен Акциски план за заштита на правата на Бугарите и другите заедници, што ќе го придружува Патоказот за владеење на правото.
„Имаме договор и мора да се почитува. Провокациите не се во ничиј интерес,“ изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Тој повторно го истакна незадоволството дека земјава сѐ уште не ги внела Бугарите во Уставот, а во исто време, како што рече, во Бугарија се издадени над 100.000 пасоши на македонски државјани.
Со резолуцијата, бугарските институции и понатаму инсистираат Европската Унија да гарантира за правата на Бугарите во Македонија – нивниот јазик, култура, историја и идентитет.







