Јеменското вооружено движење Хути, поддржано од Иран, најави дека ќе ја ескалира својата воена кампања против Израел, соопштувајќи дека во иднина како цели ќе ги третира и израелските цивилни патнички авиони.
Според информации на либанскиот весник Ал Акбар, претставници на Хутите изјавиле дека нивните „наредни операции ќе се разликуваат по обем и карактер од досегашните“, и дека на листата на цели ќе бидат додадени и авиони што ѝ припаѓаат на израелската држава. Веста ја пренесе и The Times of Israel.
Оваа закана доаѓа по израелскиот воздушен напад врз меѓународниот аеродром во Сана, главниот град на Јемен, кој се наоѓа под контрола на Хутите. Израелската војска соопшти дека била гаѓана последната преостаната летечка машина под контрола на Хутите, откако во претходни акции биле уништени шест други авиони.
Хутите, пак, тврдат дека гаѓаниот авион се користел исклучиво за медицински евакуации кон Јордан.
Иако не е целосно јасно дали Хутите навистина располагаат со технолошки капацитет за да реализираат напади врз цивилни авиони, портпарол на групата претходно овој месец за американскиот магазин Newsweek потврдил дека добиле „ново оружје“ способно да воспостави „воздушна блокада“ на Израел.
По балистичкиот напад врз аеродромот Бен Гурион на почетокот на мај, неколку странски авиокомпании ги прекинаа своите летови кон и од Израел, оставајќи ги израелските патници да се потпираат речиси исклучиво на националниот авиопревозник El Al.






