Компанијата „Haribo“ итно повлече од продажба одредени пакувања на своите слатки, откако во нив наводно била пронајдена марихуана, по пријава дека неколку лица се почувствувале лошо по консумацијата.
Инцидентот се случил кога неколку членови од иста фамилија – меѓу кои имало и деца и возрасни – почувствувале здравствени симптоми по јадење на „Happy Cola F!ZZ“ бонбоните, по што случајот бил пријавен во полиција.
Холандската агенција за безбедност на храна и потрошувачки производи (NVWA) потврди дека е покрената истрага. Портпаролот на агенцијата за медиумите изјави дека биле земени примероци од слатките, и дека во нив било утврдено присуство на марихуана.
„Веднаш стапивме во контакт со компанијата Haribo, која издаде безбедносно предупредување“, изјави портпаролот за Hart van Nederland.
Сè уште не е познато како наркотичната супстанца се нашла во бонбоните, а полицијата продолжува со истрагата за утврдување на околностите.
Од компанијата Haribo претходно информираа дека станува збор за производи кои можат да предизвикаат здравствени проблеми, вклучително и симптоми како вртоглавица.






