Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изрази двоумење околу воведувањето нови санкции против Русија поради војната во Украина, велејќи дека не сака казните да го попречат постинувањето примирје.
„Ако мислам дека сум блиску до постигнување договор, не сакам да го расипам“, изјави тој пред новинарите во Овалната соба.
Трамп, исто така, рече дека рускиот претседател Владимир Путин можеби намерно ги одложува разговорите за прекин на огнот во војната во Украина и изрази разочарување од неодамнешното жестоко руско бомбардирање.
„Ќе видиме дали ќе соработуваат или не. Ако сакаат, ќе одговориме малку поинаку“, рече Трамп.
Истакна дека не може да каже дали Путин сака да ја заврши војната и дека ќе му треба околу една седмица за да дознае.
Трамп постојано повторува дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна и во последните денови покажа растечко разочарување од Путин, предупредувајќи во вторникот дека рускиот лидер „си игра со оган“ со тоа што одбива да се вклучи во преговори за прекин на огнот со Киев додека неговите сили напредуваат на бојното поле.
По разговорот со Трамп повеќе од два часа минатата седмица, Путин рече дека се согласил да соработува со Украина на меморандум што ќе ги истакне контурите на мировниот договор, вклучувајќи временска рамка за прекин на огнот.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров претходно во средата изјави дека нацрр-меморандумот на Русија е подготвен и оти Москва предлага да ја запознае со него украинската делегација на заеднички состанок во Истанубл на 2-ри јуни. Украина засега не одговори на оваа понуда.
Киев и неговите западноевропски сојузници ја обвинија Москва за одложување додека нејзините сили напредуваат во источна Украина.
„Путин е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“, изјави во средата за Reuters висок руски извор запознаен со размислувањето на високо ниво на Кремљ.
Три руски извора рекоа дека Путин бара документ со обврзувачко дејство од западните сили дека НАТО алијансата предводена од САД нема да се шири кон исток, поблаг термин за она што Русија го сака – формално исклучување од членство на Украина, Грузија и Молдавија и други поранешни советски републики.
Русија, исто така, бара Украина да биде неутрална, да се укинат некои западни санкции, да се реши прашањето за замрзнатите руски суверени средства на Западот и да се заштити огромнот руско и рускојазично население во Украина, велат тројцата соговорници на Reuters.
Првиот извор рече дека ако Путин сфати дека не може да постигне мировен договор според свои услови, ќе се обиде да ги искористи воените победи за да им покаже на Украинците и Европејците дека „мирот во иднина ќе биде уште поболен“.







