Раното воведување на здрави навики во исхраната може значително да го намали ризикот од појава на хронични заболувања како дијабетес, срцеви заболувања, па дури и одредени видови рак, предупредува американската педијатарка д-р Кели Фредин.
Во својата пракса, д-р Фредин често разговара со родители за важноста на разновидната и избалансирана исхрана кај децата. Таа нагласува дека здравите прехранбени навики, доколку се стекнат во најрана возраст, имаат голема веројатност да се задржат и во зрелите години од животот.
Родителите веќе се свесни за важноста на консумирање зеленчук, избегнување на преработени шеќери и вклучување на „шарена чинија“ – разновидни овошја и зеленчуци со интензивни природни бои. Често се потенцираат шумските плодови, авокадото и зелениот лиснат зеленчук. Но, постои една група храна која ретко добива доволно внимание, иако е нутритивно извонредна – мешунките, односно, гравот.
Зошто гравот треба почесто да биде на детската трпеза?
Според д-р Фредин, гравот не само што е еден од најздравите избори за децата, туку е и една од ретките намирници која често ја прифаќаат и пребирливите деца.
1. Богат извор на протеини за раст и енергија
Сите видови грав содржат високи количини на растителни протеини, од кои некои дури ги вклучуваат сите есенцијални аминокиселини потребни за правилен раст и развој. Покрај тоа, гравот е богат со растителни влакна – и растворливи и нерастворливи.
Нерастворливите влакна ја поттикнуваат редовната дигестија и го спречуваат запекот, додека растворливите влакна обезбедуваат подолготрајно чувство на ситост, што помага во контрола на апетитот и спречува прејадување.
Исто така, растворливите влакна го намалуваат нивото на лош (LDL) холестерол и помагаат во стабилизирање на шеќерот во крвта, спречувајќи ненадејни падови на енергијата.
2. Богатство од витамини и минерали
Гравот природно содржи широк спектар на корисни витамини и минерали, вклучително и железо – важно за транспорт на кислород низ телото, магнезиум – неопходен за правилна функција на нервите и мускулите, како и витамини од Б-групата кои придонесуваат за енергетскиот метаболизам и здрав нервен систем.
3. Одржливо и економично решение
Покрај својата нутритивна вредност, гравот е и исклучително достапен – по цена, по достапност, и по рок на траење. Лесно се складира и претставува одлична резервна храна за секое домаќинство.
4. Идеален дури и за пребирливите деца
Најважниот фактор при избор на здрава намирница за децата е прашањето: „Ќе го јадат ли?“ Во случајот со гравот, одговорот често е – да.
Многу родители забележуваат дека децата уживаат во неговиот вкус и текстура. Дополнителна предност е тоа што гравот е лесен за подготовка. За помалите и пребирливи деца, добар почеток може да биде варен едамаме (млада соја) или црн грав завиткан во тортиља со сирење. Сѐ почесто се подготвуваат и здрави десерти – како колачи од црн грав – кои се вкусни и омилени кај најмладите.
Кај повозрасните деца, кои сакаат да експериментираат со нови вкусови, гравот може да се послужи во супи, густи чорби или како дел од чили јадења.
Универзална и здрава намирница
Со оглед на неговата разновидност, нутритивност и практичност, гравот се издвојува како една од најдобрите намирници за детската исхрана. Без разлика дали е дел од главно јадење, прилог или здрав десерт, постои варијанта што ќе одговара на речиси секое дете – дури и на оние со најпребирлив вкус.







