Во жесток напад со нож што се случи во петокот навечер на главната железничка станица во Хамбург, беа повредени 18 лица, од кои четворица се во критична состојба, а шестмина се со потешки повреди. Нападот, кој се одиграл на пероните 13 и 14, предизвикал паника меѓу патниците кои чекале воз за Фулда.
Очевидци сведочат дека слушнале врисоци и виделе луѓе како трчаат во паника, додека напаѓачката, 39-годишна германска државјанка, со нож повредувала случајни минувачи. Таа била совладана од присутни граѓани и задржана до пристигнувањето на полицијата. Според првичните информации, осомничената не давала отпор при апсењето, а од неа бил одземен ножот со кој го извршила нападот.
Надлежните потврдија дека засега нема индиции дека мотивите на нападот се политички или терористички. Се претпоставува дека жената била во психичка криза. Нејзиното појавување пред истражен судија е закажано за денеска.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) изјави дека веста од Хамбург е „шокантна“, и додаде: „Моите мисли се со жртвите и нивните семејства“.
Градоначалникот на Хамбург, Петер Ченчер, исто така го осуди нападот и изрази поддршка за повредените. Железничкиот сообраќај на погодените перони беше прекинат до 19 часот, додека другите линии беа пренасочени.
Овој инцидент го засили јавниот страв поради зачестените напади со ладно оружје во Германија, кои претходно се случија и во градовите Билефелд, Золинген и Манхајм. Истражните органи продолжуваат со увидот и испитувањето на околностите околу овој насилен чин.






