Неколку лица се повредени во напад што се случи рано утринава во холандскиот град Хофдорп, соопштија локалните медиуми. Итните служби реагирале околу 6 часот наутро по пријава за инцидент на улицата „Фани Бланкерс-Кенлан“.
Според информациите на полицијата, меѓу повредените има и еден нивни припадник, кој бил пренесен во болница. На полициското возило биле забележани траги од крв, пренесуваат очевидци.
„Околу 6 часот изутрина добивме пријава за напад на улицата Фани Бланкерс-Кенлан. Повредени се неколку лица, меѓу кои и наш колега. На местото на настанот се наоѓаат бројни тимови за итна медицинска помош. Областа е целосно обезбедена. Истрагата е во тек“, објави полицијата преку социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).
Снимки и фотографии споделени на социјалните мрежи покажуваат присуство на најмалку пет амбулантни возила, како и полициски хеликоптер.
Холандската новинска агенција АНП пренесе дека во нападот загинале две лица, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена од страна на полицијата. Се очекуваат дополнителни детали во текот на денот.







