Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека останува отворен за натамошни преговори со Русија, но повтори дека украинската војска нема да се повлече од териториите што Москва ги анектираше.
„Ако Русија постави услов нашите сили да се повлечат од украинска територија, тоа значи дека не сакаат примирје, ниту прекин на војната“, изјави Зеленски, коментирајќи го неодамнешниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.
Зеленски додаде дека Москва е свесна за оваа позиција и ја нагласи клучната улога на украинските вооружени сили во заштитата на националниот суверенитет.
Русија, од своја страна, неколку пати повтори дека нејзин основен услов за какви било мировни преговори е украинските сили да се повлечат од четирите региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон – каде што Москва сè уште нема целосна контрола.
Украинскиот претседател изјави дека размислува за организирање меѓународна средба со учество на делегации од Украина, САД, Европа и Русија. Сепак, откако Трамп изјави дека разговорите треба да се водат директно помеѓу Киев и Москва, останува нејасно дали таквата средба би се реализирала.
Зеленски не ја исклучи можноста за потпишување меморандум со Русија, кој би можел да доведе до конкретен мировен договор.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговиот разговор со Трамп, кој траел повеќе од два часа, бил „значаен, искрен и многу корисен“. Тој подвлече дека Русија има јасен став: потребно е да се отстранат „основните причини за кризата“.
„Клучно е и двете страни – руската и украинската – да покажат искрена подготвеност за мир и да се постигнат компромиси прифатливи за сите. За нас, најважно е да ги надминеме темелните причини за конфликтот“, рече Путин.
Тој додаде дека Русија се залага за прекин на непријателствата, но смета дека е неопходно да се пронајдат најефикасни патишта кон траен мир.






