Шпанија без мрежа: Масовен прекин ги погоди сите мобилни оператори
Во вторникот рано наутро, Шпанија се соочи со неочекуван и обемен прекин на сите главни мобилни мрежи, оставајќи милиони корисници без комуникација. Настанот доаѓа само четири недели по големиот прекин на струја што веќе предизвика нарушувања во функционирањето на земјата.
Според платформата Downdetector, проблемите започнале околу 5 часот утрината, кога започнале илјадници пријави од различни делови на државата.
Најголемите оператори – Movistar, Orange, Vodafone, DigiMobil и O2 – биле истовремено погодени, што доведе до целосен колапс на мобилната комуникација низ целата територија на Шпанија.
Засега не е објавена официјална причина за прекинот. Операторите сè уште не излегоа со детални објаснувања, освен кратки пораки дека техничките тимови интензивно работат на решавање на проблемот. Во меѓувреме, корисниците на социјалните мрежи сведочат дека не можат да остваруваат повици, да испраќаат пораки, ниту да користат мобилен интернет.
Овој инцидент е втор сериозен технички удар за Шпанија за само еден месец. Во април, масовен прекин на електрична енергија ги погоди транспортниот систем, индустријата и јавните институции. Двата настана покренаа сомнежи за можна поврзаност и отворија прашања дали Шпанија се соочува со подлабок, системски проблем во својата критична инфраструктура.
Се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции во текот на денот.





