Европските лидери се согласија да го зголемат притисокот врз Русија преку дополнителни санкции, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги информираше за својот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц доцна синоќа.
Претходно, Трамп одржа телефонски разговори со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со лидерите на Европската Унија, меѓу кои и претставници од Франција, Италија, Германија и Финска. Разговорите беа дел од дипломатскиот напор да се стави крај на војната во Украина.
По разговорите, Трамп изјави дека Русија и Украина се согласиле веднаш да започнат преговори за прекин на огнот во конфликтот кој трае веќе три години.
„Европа и Америка се целосно усогласени во врска со ова прашање. Ќе ја поддржиме Украина на нејзиниот пат кон постигнување примирје,“ напиша Мерц на платформата X.
Тој додаде дека Европската Унија ќе го засили притисокот врз Москва преку нови санкции, договорени во координација со американскиот претседател по неговиот разговор со Путин.
Киев, заедно со европските сојузници, инсистира на безусловен прекин на огнот, додека Москва изрази загриженост дека Украина може да ја искористи евентуалната пауза за да се прегрупира и дополнително да се вооружи.
Советникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, соопшти дека за време на разговорот помеѓу Путин и Трамп не била договорена конкретна временска рамка за примирје, но дека Трамп ја потенцирал својата желба договорот да се постигне што е можно побрзо.







