Малиот мозочен удар, познат како транзиторен исхемичен напад (ТИА), често се манифестира со симптоми како потешкотии во говорот, движењето, или ненадејна вртоглавица – кои брзо исчезнуваат, па луѓето не бараат медицинска помош. Оваа заблуда ги става во сериозен ризик од тежок мозочен удар во блиска иднина.
Животни примери, како оној на Кристин Крамер, сведочат дека дури и кога симптомите делуваат минливо и беззначајно, тие може да бидат сериозен предупредувачки сигнал.
Промени во говорот и моториката – први знаци
Крамер се разбудила едно утро затоа што нејзиното куче сакало да излезе. Кога се обидела да го повика другото куче, не можела да изговори ни збор.
– Забележав и дека десната рака не ми функционира нормално – раскажува таа. И покрај тоа, се вратила во кревет, не сфаќајќи дека доживеала мини мозочен удар. Еден час подоцна, се чувствувала подобро и заминала на работа, игнорирајќи ги симптомите.
Брзо исчезнување на симптомите – опасна замка
Таквата реакција е типична. Секојдневно над 240.000 Американци доживуваат мини мозочен удар, а ризикот расте со возраста. Бидејќи симптомите се повлекуваат за неколку минути до еден час, многумина не бараат помош – што го зголемува ризикот од посериозен мозочен удар во следните 48 часа.
Крамер следните денови чувствувала треперење во раката и побарала лекарска помош. Иако првичниот КТ преглед не покажал ништо алармантно, симптомите се влошиле – не можела да се потпише, мешала зборови – па конечно отишла на итна медицинска помош. Таму ѝ било соопштено дека имала мал мозочен удар.
Долгорочни последици и ризик од деменција
Иако симптомите може да се повлечат, последиците за мозокот не се минливи. Истражување објавено во списанието JAMA Neurology открива дека когнитивниот пад кај лица кои доживеале ТИА е еднаков на оној кај лица со вистински мозочен удар, во текот на пет години.
– Дури и без други болести, самата ТИА го менува патот на мозочните функции – вели д-р Виктор дел Бене, водечки автор на студијата.
Истражувањето опфатило над 30.000 лица постари од 45 години. По пет години, лицата кои доживеале мини мозочен удар покажале забележлив пад на когнитивните способности, иако не толку драстичен како кај пациентите со полн мозочен удар.
Симптомите можат да бидат суптилни – но не и безопасни
Дури и кога симптомите ќе исчезнат, мини мозочниот удар остава последици. Тоа не е деменција, но е трајна промена. Комбинацијата со други фактори – дијабетес, пушење, срцеви заболувања – дополнително го зголемува ризикот од когнитивен пад.
Според невролозите, најголем проблем е тоа што луѓето не ги сфаќаат симптомите сериозно. По ТИА, ризикот од тежок мозочен удар во следните 90 дена е до 20%, од што половината се случуваат во првите 48 часа.
Како да го препознаете мини мозочниот удар?
Д-р Трејси Медсен, ургентен лекар и истражувач, го промовира акронимот BE FAST за полесно препознавање:
B (Balance) – губење рамнотежа
E (Eyes) – проблеми со видот
F (Face) – асиметрија на лицето
A (Arms) – слабост во рацете
S (Speech) – потешкотии со говорот
T (Time) – времето е критично, веднаш повикајте итна помош
– Имаме можности да спречиме мозочен удар, но само ако луѓето навреме стигнат во болница – предупредува Медсен.
Пациенти кои го игнорирале повикот на телото
Карен Хаус, 74-годишна пензионирана адвокатка, дознала дека доживеала повеќе епизоди на мини мозочен удар дури откако лекар открил слабост во десната страна на телото. Години подоцна, сè уште има проблеми со изразувањето мисли.
Ванда Мерсер, пак, доживеала блага вртоглавица откако дала крв, се онесвестила, а потоа почнала да има проблеми со говорот. Колега ја убедил да побара помош – што се покажало како клучен потег. Лекарите ѝ дијагностицирале мал мозочен удар.
Денес, на 73 години, Мерсер води активен живот, но редовно се контролира и зема терапија.
Поука: Не го игнорирајте телото. Ако почувствувате било кој од симптомите – дејствувајте веднаш. BE FAST може да ви го спаси животот.







