Актуелниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Верстапен, во болидот на Ред Бул, ја освои Големата награда на Емилија Ромања на патеката Имола, седмата трка од Светското првенство во Формула 1.
За 27-годишниот Холанѓанец ова е 65-та победа во кариерата, а втора оваа сезона.
Верстапен стартуваше од второто место, но со брилијантен маневар го претекна Оскар Пјастр во првиот свиок, а потоа го одбрани водството.
„Стартот не беше одличен, но бев на надворешната линија и само помислив, ќе се обидам да го престигнам и се покажа добро. Потоа успеав да го ослободам темпото, бевме добри со гумите. Неверојатно сум горд на сè, автомобилот се покажа добро, перформансите низ целата трка беа многу добри“, рече четирикратниот светски шампион, кој ја оствари својата четврта последователна победа во Имола.
Верстапен славепе и во 2021, 2022 и 2024 година, додека поради големите поплаве не се одржа трката во 2023 година.
Втор, со 6,1 секунди заостанување, беше Британецот Ландо Норис од тимот на Мекларен, додека најдобриот во квалификациите, Австралиецот Оскар Пјасти, исто така, од Мекларен, на крајот мораше да се задоволи со третото место, со 12,9 секунди заостанување.
„Прерано закочив, тоа беше добар потег од Макс. Беше разочарувачки, но потоа донесовме неколку лоши одлуки. Не беше нашата најдобра недела, ќе мора многу да анализираме“, рече Пјастри.
Четвртото место го освои Британецот Луис Хамилтон од тимот на Ферари, петти беше Александар Албон во Вилијамс, додека другиот возач на Ферари, Шарл Леклер од Монако, го освои шестото место.
Во генералниот пласман, Пјастри води со 146 бода, Норис е втор со 133 бода, а Верстапен е трет со 124 бода.
Во пласманот на конструкторите, Мекларен е во водство со 279 бода, пред Мерцедес со 147 и Ред Бул со 131 бод.
Следната трка ќе се одржи за седум дена низ улиците на Монако.






