Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, денеска од Тирана изјави дека е неопходно да се повика на итен прекин на огнот во Украина со цел создавање предуслови за траен мировен договор што ќе ѝ обезбеди безбедносни гаранции на Украина.
„Потребен е итен прекин на огнот кој ќе отвори пат за мировен договор што ќе му понуди на Киев вистински и одржливи безбедносни гаранции“, изјави Мелони за време на Самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ).
Таа подвлече дека Европа не смее да се откаже од стремежот кон мир во Украина, пренесува новинската агенција ANSA.
„Во изминатите неколку часа видовме кој е подготвен да преземе сериозни чекори кон мирот, а кој, од друга страна, покажува помала подготвеност“, нагласи Мелони.
Со свечена церемонија денеска во Тирана беше отворен Шестиот Самит на Европската политичка заедница, на кој учествуваат лидери од цела Европа. Република Србија на настанот ја претставува претседателот Александар Вучиќ.
Ова е првпат Самитот на ЕПЗ да се одржи во земја од Западен Балкан. Главната тема на годинашната средба е „Нова Европа во нов свет: единство – соработка – заедничка акција“.






