Четворица повредени од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, уште 11 остануваат на лекување во странство
Министерството за здравство соопшти дека уште четворица пациенти, повредени во пожарот во Кочани, се враќаат од странски медицински установи и ќе бидат згрижени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како и на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Еден од пациентите пристигнал вчера од Софија, двајца денеска од Белград, а четвртиот се очекува да пристигне утре, повторно од Софија. Со тоа, бројот на пациенти кои и понатаму остануваат на лекување во странство се сведува на 11 лица. Според последните информации, нивната здравствена состојба е стабилна.
Министерството исто така информира дека тимови од специјалисти по пластична хирургија редовно патуваат во Општата болница во Кочани, каде што вршат прегледи, преврски и тријажа на повредените. Во третманот на пациентите се вклучени и експерти по физикална медицина и психијатрија, со цел обезбедување сеопфатна здравствена грижа и психосоцијална поддршка.
Состојбата на повредените континуирано се следи, а Министерството за здравство останува посветено на обезбедување на најквалитетен можен третман и рехабилитација за сите погодени.







