Според повеќе од 400.000 компјутерски симулации, научниците предвидуваат дека постепеното зголемување на сјајот на Сонцето ќе доведе до дестабилизација на Земјината клима, намалување на нивото на кислород и масовно изумирање на животот.
Со користење на суперкомпјутер, тим научници од НАСА и Универзитетот Тохо во Јапонија ја анализирале долгорочната еволуција на Сонцето и нејзиното влијание врз Земјата. Според нивните пресметки, животот на нашата планета ќе стане невозможен до околу годината 1.000.002.021. Како што Сонцето постепено станува посјајно и потопло, температурите на Земјата ќе растат, а нивото на кислород во атмосферата ќе опаѓа, што ќе создаде неповолни услови за живите организми.
Иако на прв поглед изјавите на Илон Маск дека Сонцето на крајот ќе ја уништи Земјата можат да изгледаат како дел од промоција на неговите планови за колонизација на Марс, истите се потврдени и од страна на реномирани научни институции.
Дополнително, научниците предвидуваат дека за околу пет милијарди години, Сонцето ќе влезе во фазата на црвен џин – кога ќе го изгуби водородот како главно гориво и драматично ќе се прошири. Во оваа фаза можно е да ги проголта Меркур, Венера, а можеби и самата Земја.
Во меѓувреме, истражувањата поврзани со иднината на човештвото во вселената се соочуваат со предизвици. На 1 мај, администрацијата на Доналд Трамп го укина финансирањето од шест милијарди долари за истражувања и операции на Меѓународната вселенска станица, вклучувајќи го и амбициозниот проект за враќање на примероци од Марс (MSR). Овој проект, кој досега ја чинел НАСА милијарди долари, имаше за цел да ги донесе на Земјата примероците собрани од роверите на Марс за понатамошна анализа.






