Индија изврши воздушни напади врз Пакистан како одговор на нападот врз туристи во Кашмир
Индија синоќа изврши воздушни напади врз цели во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир, како одговор на минатомесечниот смртоносен напад во индискиот Кашмир, во кој загинаа 26 туристи. Само неколку минути пред нападите, на социјалните мрежи почна да кружи порака од Пакистанската военоразузнавачка служба.
„Спиј мирно, нацијо. Пакистанските воздухопловни сили се будни“, стоеше во пораката која се прошири со неверојатна брзина – непосредно пред индиската војска да почне со нападите.
Според индискиот државен секретар за надворешни работи, Викрам Мисри, нападите биле насочени кон девет локации кои Индија ги идентификувала како „кампови за обука и регрутација“ на терористи.
„Станува збор за прецизно избрани цели, со цел да се неутрализира терористичката инфраструктура, без притоа да се предизвика штета врз цивилната популација или инфраструктура“, изјави Мисри, пренесува Гардијан.
Нападите доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени сили, по еден од најтешките инциденти во регионот во последните години.

![[ФОТО] Погледнете какво фотографија објавија пакистанските разузнавачи неколку минути пред Индија да нападне](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/05/screenshot-2025-05-07-122334.png)






