Кашмир, хималајскиот регион на север од Индискиот Потконтинент, повеќе од 70 години е едно од најнестабилните геополитички жаришта во светот. По независноста од Британската империја во 1947 година, Индија и Пакистан водеа неколку војни – речиси сите поврзани со контролата врз Кашмир.
По поделбата на Британска Индија, регионот со мнозинско муслиманско население беше управуван од хиндуистички принц. Во октомври 1947 година избувна првата војна, која заврши без јасно решение. Со посредство на Обединетите нации, во 1949 година беше воспоставена линија на прекин на огнот, со што Кашмир се подели на индиска и пакистанска зона. Иако беше ветен референдум, тој никогаш не се одржа.
Денес, Кашмир е поделен меѓу три сили: Индија управува со Џаму и Кашмир и Ладак (вклучувајќи го стратешки важниот глечер Сијачен); Пакистан со Азад Кашмир и Гилгит-Балтистан; додека Кина контролира спорната пустина Аксаи Чин, која Индија ја смета за дел од Ладак.
Клучниот дел од границата помеѓу Индија и Пакистан е т.н. Линија на контрола (ЛоК) – де факто граница, воспоставена со Карачискиот договор и потврдена по војната во 1971 година. Иако не е меѓународно призната, ЛоК служи како практична линија на поделба.
Кашмир е важен не само поради етничко-религиозните тензии и историските спорови, туку и поради геостратешката положба меѓу три нуклеарни сили – Индија, Пакистан и Кина. Регионот е богат со природни ресурси, извори на вода и има огромно стратегиско значење за воена и енергетска безбедност.
Како што покажа и денешната ескалација, Кашмир останува потенцијално опасна точка во светската политика. Конфликтот досега одзеде десетици илјади животи, а трајно решение сè уште не е на повидок.






